Охрид, 13. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 204.336 туристи престојувале во Република Македонија во текот на месец јули годинава, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Од нив домашни биле 41,8 проценти, а од странство дошле 58,2 отсто, кои оствариле 756.831 ноќевања. Најбројни повторно се гостите од Турција (53.296) и Србија (10.402), по кои следат посетителите од Полска (4.445), Романија (3.995) и Германија (3.318). Вкупно 123.931 туристи престојувале покрај нашите езера, а 50.168 го посетиле главниот град Скопје.
Во првите седум месеци од 2024 година бројот на туристи е зголемен за 8,7 отсто во споредба со истиот период лани при што кај домашните туристи има намалување за 0,5 отсто, а кај странските има зголемување за 13,7 отсто.
Во првите седум месеци од годинава, пак, бројот на ноќевања е зголемен за 6,1 процент во споредба со истиот период лани. Кај домашните туристи има зголемување за 2,7 проценти, а кај странските има зголемување за 9,7 отсто. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес