Охрид, 13. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Долна влашка мала, после Варош, Месокастро, Кошишча е една од постарите мали во градов. Прво беше од гимназија до најзеро, а после се прошири и изгради делот меѓу сегашните улици „Јане Сандански“, „Булевар Туристичка“ (порано се викаше „Сашо Огнен“, па стана „Булевар на револуцијата“) и делот кон спортскиот центар. Првите куќи беја од луѓе од Варош, Месокастро кои напрајле куќи овде. Имаше и имат турски и египјански куќи покрај езеро Намазија. Иако се викат Долна влашка мала, имат само неколку влашки фамили, главно дојдени од Албанија и од Белица Струшко.
Прво местата ги препознававме по стопаните на бавчите или по некој објект. Така велевме к’j бавчине од Алачовци, Љатковци, Савиновци, Пашана, Матјановци, Мишевци, Стамболлине (Волкановци), Нурче(татко од учителот Неџбедин Хусеин и браќа му Јагуп и Неџат), Сидоровци, па Намазија, по Трсија, Околиски (сега тука е зградата од Фондот за пензиско и здравствено осигурување), Војни бавчи (позади околиски), к’ј Гимназија.
После ко ги снемвеше бавчите почнавме местата да ги препознаваме по зградите и објектите шо никнеја: Сојуз на борци, Учителска, Офицерскине, Шумсконо, к’ j Комерцијална, па к’ј водана, каршија полигонон, к’ј Католичкана, к’ј музичконо, к’j ПТТ, к’ј Угостителско…
Прва зграда која се напрај по војната била „Сојуз на борци“ во бавчите наши. Бавчите прво се земени за сегашната улица „Јане Сандански“, а после е напраена и зградата. Такво било времето, државата ти го земат местото, немојш да се буниш. Старите ногу не сакаја да зборвет за овие работи.
После е напраена учителската зграда, па офицерските згради, па зградата к’ј шо беше кафаната на Кире Заро „10“. Сите згради се праени на места од приватни бавчи. Сите згради имаја големи уредени дворој, гаражи во близина имаше скоро секој станар иако сите немаја коли. Во тие згради главно живееја државни чиновници, службеници, професори, учители, пензионери од војната, офицери, директори. Не памтам дека имаше во нив некој работник, занетчија или бавчанџија. Овие последниве главно живееја по куќи.
Деца во малава имаше од сите возрасти, кој мангупи, кој мирни, кој бесни, кој шо се бијаја секој ден, кој шо праеја бели по куќите, кршеја џамој а скоро сите крадеја по бавчите. Интересно е шо сите имавме дома овошје и зајре шо го имаше во другите бавчи, ама беше интересно да украдиш од друга бавча а да не те фатет.
За куќиве сум пишел и порано. Беја праени од плит и камен. Главно беа со приземје и спрат а имаше и само со приземје. Сите имаја големи дворој и бавчи. Скоро секоја куќа имаше муренка, лозница, јаболка, круши, сливи… Сите во дворојте садеа зајре и тие работи не се купвеја на пазар. Немаше куќа без бочка, без буре за зелка, тава за зимница, казани и арании за топлејне вода… Пој’ето куќи имаја бунари за вода.
Како е денеска во нашава мала? Веќе немат мали куќи, пораснаја во големи. Ушче појќе полека ги снемвит и големите нови куќи сега бргу градени. На секој ќош гледам се уривет куќите и се прает згради. Зградите напикани едно во едно на едно метро растојание. Отвори пенџера и мојш да се поздравиш со комшивката. Паркинзи само неколку за цела зграда, двор немат никаде. Дрво или цвеќе не мојш да видиш пред зградата зато шо све е бетон. Колите паркирани кој како се снашол. Преку лето полни со народ, викајне, дерејне колку сакаш. Излегвет луѓе секакви од зградата, никој со никого не се познават и не прогорвит. Во неколкуте куќи кои се останати веќе не се бериме по дворојте. Не мојш да напрајш муабет од гужва, галама, брчејне коли, викајне од мајстори кои работет по околните згради.
Како шо завршвит летово, наеднуш све се смирвит, немат народ по зградиве, немат викајне , во цела зграда горит само една или две ламби од станојте. Се врашчашме од чаршија и мислиш влегвиш во друг град. Децава наши шо беја дојдени летово кој од Скопје, кој од странство си заминаја во својата „дома“. Останвиме овде повозрасниве, се затвораме навечер секој сам по дома. Утредента првиот муабет ни е: „ Ар не си поминат од онде, и та куќа ја уривет“
Дали е овај Охрид каков шо го познававме или станвит град спална која се користит два месеци?
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото