Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети пророк Мојсеј Боговидец

Охрид, 17. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го слават споменот на Свети пророк Мојсеј Боговидец.

Голем водач и законодавец на народот Израилски. Роден е во Египет, околу 1550 година пред Христа. Четириесет години живееше во Египет на дворецот на Фараонот, четириесет години живееше како пастир во созерцание на Бога и на светот, а последните четириесет години го водеше народот низ пустината во Ветената Земја, којашто ја виде, но не влезе во неа, бидејќи во едно Му згреши на Бога (4Мој. 20,12).

Се упокои во сто и дваесеттата година од својот живот. Како чудотворец, според зборовите на свети Василиј Велики, Мојсеј беше предобраз на Христа. Се јави на гората Тавор при Преображението на Господ. А според сведоштвото на Свети Јован Лествичник, им се јавувал на монасите во Синајскиот манастир.

Тропар

Од Капината Која гори и не согорува, Господ нашиот Бог во славни дела Негови те приведе, и дарови подари за спасение на народ Негов да послужат, о Мојсее, Божји пророче. Те закити благодатно Седржителот, и на секој збор твој се јави Милостивиот, за да не се исмее силата Негова во тебе. Затоа пред Него застапи нe, Боговидче, кој времето ќе го објавиш при Неговото второ пришествие. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука