Охрид, 19. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид се приклучува на одбележувањето на Европските денови на културното наследство 2024 година и одбележувањето на 70 години од усвојување на Европската културна конвенција во Париз во 1954 година.
Предвидена е промоција на книгата од Академик проф. д-р Мигуел Џон Вершлаус, „Вкоренет космополитизам, наследство и прашањето за припадност“ (Rooted Cosmopolitanism, Heritage and the Question of Belonging), од страна на проф. д-р Сашо Коруновски во диалог со Амбасадорот проф. д-р Љубен Тевдовски и м-р Горан Патчев.
Мигуел Џон Вершлаус е редовен професор и раководител на Катедрата за класична и медитеранска археологија, како и повеќегодишен директор на Докторските студии на Факултетот за археологија на Универзитетот Лајден. Неговото дело ја истражува аналитичката и практичната вредност на поимот „вкоренет космополитизам“ за областа на културното наследство.
Промоцијата ќе се одржи во „Куќата на Робевци“ (ширван), вечерва, од 18:00 до 20:00 часот, во соработка со „Охридската Академија на Хуманизмот“ и „Институт за Културно Наследство и Археологија – Institute of Cultural Heritage and Archaeology (ICHA)“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива