Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворен 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација во Охрид

Охрид, 18. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Охрид, свечено беше отворен 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА).

– Имаме среќа што сме овде во историскиот град Охрид, често наречен „Град на светлината“. Ова име не само што го отсликува духовното и културното значење на Охрид, туку и неговата богата историја на знаење и вера. Како што дознав, некогаш Охрид бил дом на 365 цркви, по една за секој ден во годината, поради што го добил прекарот „Ерусалим на Балканот“. Оваа силна врска со историјата и верата го прави совршено место за ИПА да се состане, да споделува знаење, да ги зајакне пријателствата и да ја води иднината на нашето здружение, рече на почетокот на својот говор, претседателот на Интернационалната полициска асоцијација, Мартин Хофман.

Тој посебно го нагласи фактот дека она што навистина е обединувачко е заедничката посветеност кон зајакнување на глобалната соработка помеѓу полициските службеници преку принципот на единство.

– Преку оваа врска ги зајакнуваме пријателствата и ја олеснуваме професионалната размена меѓу полициските службеници преку границите. Тимската работа меѓу службениците од различни нации ја прави нашата работа толку влијателна. Ние не сме само полицајци во нашите земји, туку дел од глобалното семејство кое споделува знаење, се поддржува еден со друг и работи заедно за побезбеден свет. Соработката меѓу нашите членови на глобално ниво ги надминува границите и политичките разлики бидејќи со зајакнување на партнерствата меѓу полициските службеници ширум светот, споделување на знаење и меѓусебна поддршка, можеме да направиме значајно влијание врз глобалната безбедност и јавната безбедност, заклучи претседателот Хофман.

Присутните 240 учесници-високо рангирани полициски службеници од 64 ИПА држави и нивни национални ИПА секции како и други меѓународни организации членки на Организацијата на Обединетите нации (ООН), ги поздрави и претседателот на ИПА Македонија, Игно Стојков.

– Во ера каде криминалот не познава граници, каде трговијата со луѓе, шверцот со дрога и сајбер криминалот, претставуваат сериозни безбедносни предизвици, мораме да работиме заедно, да споделуваме информации и најдобри практики. ИПА обеззбедува платформа за обуки, семинар и работилници, со кои, на полициските службеници од разни служби им овозможуваме стручни собири и можност плус, колективно да ги подобрат професионалните перформанси за решавање на овие предизвици, нагласи Стојков.

Учесниците на 67 Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), направија полициско ИПА дефиле низ охридската чарчија и посетија повеќе културни знаменитости во стариот град. Инаку, на Светскиот ИПА конгрес кој ќе трае до 22 септември, учесниците ќе дискутираат по повеќе теми поврзани со регионалната и глобалната безбедност и стабилност, јакнење на билатералната и мултилатералната полициска соработка помеѓу полициите-членки на ИПА, јакнење на професионализмот на полициските службеници низ бројни форми на едукација и во таа насока, ќе бидат потпишани низа конкретни договори. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука