Охрид, 19. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Оваа млада дама е еден од најпосветените претставници на своето семејство, својот Охрид и својата држава во светот.
Миланка Новеска сигурно го изоди патот од некогашното „чудо од дете“ со ангелски глас, до вистинска оперска дива која ги освојува најпрестижните сцени во светот.
– Стипендиите на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik и кралската стипендија Drottningholmsteaterns Vänner за 2024 година, која ја доделува шведската кралица се неверојатна чест за мене и ми овозможија навистина голема можност за развој. Без разлика дали се работи за солистички проект, работа со радио хоровите, приватни ансамбли, приватни проекти или корпоративни прослави, сето тоа ми носи многу задоволство и неизмерна среќа, вели Новеска во интервју за Супер радио и OhridPress.
Открива и дека духовната сила и спокој ги црпи и од древните мудрости на карате тренинзите и дека добрата храна и патувањата многу и’ значат.
OhridPress: Од најрана возраст се занимавате со пеење, а талентот го насочивте кон класичната музика. По едукацијата во Република Македонија и магистерските студии во Романија, се преселивте во Стокхолм, Шведска, родната земја на сопругот. Има ли споредба на односот кон класичната музика во овие три земји, образованието, односот кон музичарите и оркестрите?
Новеска-Gustavsson: Навистина сметам дека јас лично имав исклучително добра позиција за развивање на правилен начин со соодветни сретства. Најпрво завршувајќи со одличен успех во средното музичко училиште во Скопје ме доведе до стипендијата која ми ја понуди романската држава. Првично немаше отворен правец за Власи стипендисти на музичките факултети во Романија, но откако ги приложив моите дипломи и видео записи прифатија да отворат место со целосна стипендија за неограничени студии за мене што претставуваше неверојатна чест и така одлучив да студирам таму. Инаку бев прифатена со делумна стипендија да студирам и во Данската Кралска Музичка Академија, сепак ја приоритизирав Романија како подобар избор. Образованието во Романија е на високо ниво со многу дисциплина и барања од студентите за материјалот на факултетот, но и за познавање на романскиот јазик, така да јас првата година имав целодневни јазични часови по романски јазик на јазичниот факултет во Букурешт. За разлика од Романија, Шведска каде што ги студирав моите втори магистерски студии е многу по отворена за употреба на англискиот јазик, така да има многу функционални програми на англиски. Шведскиот јазик јас го изучував и тогаш и сега, но повеќе како лична желба за комуникација и подобра интеграција во општеството. Сепак, со значително помал притисок за перфектно познавање на јазикот. Во двете држави Романија и Шведска, со тоа што бев вклучена во едукативниот систем приметив дека ми се отворија многу патишта кон организирани аудиции и можност за работа и соработка со различни оперски куќи како и хорот на радиото каде што ми посочи да аплицирам мојата менторка по оперско пеење. Разликата на пример е тоа што во Шведска огласите се сепак појавно објавувани за разлика од Романија каде што се во многу позатворен круг. Односот кон класичната музика е сличен во сите три држави, со тоа што во Романија самата традиција е многу насочена кон класичната музика и целото население е свесно за тежината на оваа професија. На национално ниво има многу институции кои работат за развојот на културата. Во Шведска за разлика од тоа има многу приватни фондации, организации и одреден дел од населението кое е заинтересирано за културата со што се добива поголем простор за експериментирање и развивање на креативноста на едно многу високо ниво. Мене лично ми беше многу поволно да работам на моите втори магистерски студии во Стокхолм затоа што дејностите околу студиите и проектите ми помогнаа да добијам многу флексибилност и желба за развивање на креативноста чувствувајќи слобода и можност после веќе имајќи многу години дисциплинирана и теоретска работа.
OhridPress: Стипендист сте на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik, основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Ја добивте и кралската стипендија Drottningholmsteaterns Vänner за 2024 година, што ја доделува шведската кралица. Дали е тешко да се добијат овие стипендии и што тие претставуваат за Вас?
Новеска-Gustavsson: Првата стипендија ја добив како студент со креативна и успешна магистерска работа која на нивниот одбор многу им се допадна. Оваа стипендија ја добиваат само студенти на магистерски студии. Стипендијата на Дротнингхолм имаат можност да ја добијат луѓето кои работеле во нивниот театар и покажале голем потенцијал за понатамошен развој на барокната музика. Двете стипендии се неверојатна чест за мене и ми пружија навистина голема можност за развој.
OhridPress: Во Стокхолм се преселивте поради работата, но и поради љубовта кон сопругот, кој е Швеѓанец. Тој е исто така музичар, виолинист и професор по хармонија и солфеж. Покрај музиката, што најмногу го исполнува Вашето заедничко време – патувања, спорт, убава храна, дружење?
Новеска-Gustavsson: Во слободното време кое и го немаме многу се обидуваме да имаме активности кои ни помагаат да се движиме и да го одмараме умот. На пример за мене редовните карате тренинзи претставуваат одмор за умот затоа што ми овозможуваат тотална концентрација на сегашноста. Телесно ми овозможуваат растегнување на мускулите и добра кондиција која ми помага во професионален план кога настапувам. Сите кои добро ме познаваат знаат дека и добрата храна и патувањата многу ми значат, така да во секоја прилика се обидувам да организирам нешто на ова поле. Често се обидуваме да комбинираме работа на проекти со патувања околу локацијата, затоа што кај мене проектите се појавуваат на различни места во различни периоди во годината и потешко е да се планираат одделни патувања.
OhridPress: Неодамна станавте заменик-член на Националниот хор на Радиото во Стокхолм. Работите во оперски продукции во Шведска, Грција, а неодамна и Италија, во операта „Јулиј Цезар“ од Хандел. Која е светската сцена или улога која ја сонувате и би сакале да се искачите или одиграте?
Новеска-Gustavsson: За мене работата на продукции и концерти претставува идеална активност така што се додека можам да настапувам и да го исполнувам времето со музика, а сето тоа претставува исполнување на мојот сон. Без разлика дали се работи за солистички проект, работа со радио хоровите, приватни ансамбли, приватни проекти или корпоративни прослави, сето тоа ми носи многу задоволство и неизмерна среќа.
OhridPress: Во 2013 година ја доби Повелбата „Свети Климент Охридски“, што ја доделува градот Охрид. Што за Вас претставува Охрид како град со својата древност, енергија. Дали останува инспирација за вас и за сите уметници?
Новеска-Gustavsson: Јас секогаш се гордеам со Охрид и се чувствувам многу среќна што сум родена тука. Многу сум благодарна на Повелбата и ми служи како голема инспирација, а во иднина би сакала да имам можност повторно да настапувам за нашата публика. Годинава имав аплицирано за сретства за концерти до министерството кои не беа одобрени, но ќе продолжам и понатаму да се обидувам затоа што публиката и јас заслужуваме можност за музичка дејност и убави моменти заедно во Охрид и Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес