Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Дводневен состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите во Охрид

Охрид, 18. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со учество на високи претставници на Европската Комисија (ЕК), Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации (ФАО), Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), во Охрид започна 23. состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите.

Учествуваат реномирани експерти за болеста африканска чума кај свињите и претставници од ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија.

– Преку споделување на највисоките европски и светски стандарди во справувањето со болеста африканска чума кај свињите, сите вклучени во системот за борба против оваа болест, ќе размениме искуства и стекнеме нови знаења и практики за справување со неа. Упатувам апел до сите нас, да продолжиме заедно да се бориме, да вложиме максимални напори да ја ставиме болеста под контрола и да ја искорениме, во интерес на бизнисот, економијата на државите и граѓаните како потрошувачи, порача директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов.

На првиот ден од дводневниот состанок присуствуваше и Љупчо Димовски, заменик Претседател на Владата задолжен за политички систем.

Во рамки на состанокот, ќе биде презентирана актуелната состојба со болеста во Европа и регионот, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и искоренување, меѓудржавната соработка на надлежните ветеринарни служби, лабораториите, и експертите како и активностите кои се реализираат во рамки на регионалниот проект „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан – 2“, кој е финансиран од Европската унија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука