Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид ќе биде домаќин на 31. издание на Балканската Олимпијада по информатика

Скопје/Охрид, 19. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Здружението на информатичари на Република Македонија (ЗИМ), од 20-ти до 26-ти септември 2024 година во Охрид ќе се одржи 31. издание на Балканската Олимпијада по информатика.

Станува збор за натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа, годинава со учество на млади информатиари од 15 земји – Република Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија.

– Ова е натпревар помеѓу новите генерации информатичари, но истовремено е и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, инспирирајќи се меѓусебно и претставувајќи еден вид стимул едни за други. Со поттикнување на овој дух на соработка и конкуренција, ја негуваме следната генерација лидери во технологијата, што е од витално значење за континуираниот раст и развој на нашето општество. Во последните неколку години ни се придружија Словенија, па Италија, а веќе три години интерес за приклучување покажува и Украина, истакна проф. д-р Миле Јованов, Претседател на Здружението на Информатичарите на Република Македонија.

Како поддржувач и пријател на Балканската Олимпијада по Информатика, компанијата Sorsix, една од водечките IT компании во Македонија, додели ваучери за платена пракса за осуммината македонски учесници.

Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ иницијативата. На олимпијадата секоја држава има право да учествува со најмногу четири ученици/натпреварувачи кои претходно се бираат според постигнати највисоки државни резултати, а државата домаќин може да има два тима од по четири натпреварувачи, односно најмногу осум. Земји учеснички во Балканската олимпијада се Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора и Италија. Дополнително, учество заземаат и учесници од други земји кои се поканети како гости на Олимпијадата, како Хрватска, Швајцарија, Полска, Украина, Саудиска Арабија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука