Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ-ОА: Свети маченик Созонт

Охрид, 20. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го слават споменот на Свети маченик Созонт.

Родум од Ликаонија. Беше овчар, а во сè го држеше Божјиот закон и ги поучуваше своите врсници и другари во благочестието. Преку некое видение дозна дека ќе треба маченички да пострада за Христа. Во тоа време имаше големо гонење на христијаните во блискиот град Помпеопол од страна на некој Максимијан, управител киликиски.

Во градот имаше некој златен идол на кого незнабошците му се поклонуваа. Созонт ги остави своите овци, отиде во градот, влезе во незнабожечкиот храм, му ја скрши раката на златниот идол, ја раздроби и им ја раздаде на сиромасите. Заради тоа, во градот настана голема тревога и незнабошците почнаа да го бараат виновникот. За да не пострада некој друг заради неговото дело, Созонт се упати кај управителот и се пријави себеси како христијанин и извршител на она дело.

Мачителите најпрво го тепаа, а потоа го обесија на дрво и го стружеа со железни четки, а кога беше веќе на умирање го ставија на оган, каде што свети Созонт Му ја предаде својата душа на Бога. Пострада околу 304 година. Неговите мошти се покажаа како чудотворни и над нив беше подигнат храм посветен на светителот.

Тропар

Поучувајќи се во Законот Господов ден и ноќ, гледајќи дека овците бесловесни го бараат пастирот свој, ти Созонте мачениче, пред нозе Христови припадна. Идолското служење посрамувајќи го околу себе, вера цврста во народот изгради, затоа Бог во својата свита те приведе, о мачениче, наш застапник остани, пред Христа Бога во вечни векови. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука