Скопје/Охрид, 20. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми.
Мастер-планот, кој интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската влада.
– Како ТАВ Аеродроми, реномиран бренд во аеродромските операции, на македонскиот пазар почнавме да работиме во 2010 година. Оттогаш досега, за неполни 15 години, со поддршка од Владата и од сите надлежни владини институции, успеавме да го развиеме авиосообраќајот во земјата, со цел да овозможиме патувањето со авион да биде достапно на што поголем број луѓе. На пазарот донесовме нови и клучни авиокомпании, отворивме преку 40 нови дестинации, а бројот на патници го зголемивме за речиси пет пати – од околу 640.000 патници на двата аеродрома во 2009 – на 3,1 милион патници во 2023 година. Ковид-кризата силно нè погоди, но од втората половина на 2022 година бројот на опслужени патници и летови почна да се зголемува. И покрај сите препреки, ние не престанавме да работиме со ентузијазам и упорност со цел континуиран раст и развој на македонските аеродроми, а оттука и на македонската економија, како и на зајакнување на врските меѓу Турција и нашата пријателска Македонија, изјави Серкан Каптан, Главен извршен директор на групацијата ТАВ Аеродроми, членка на АДП.
Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, додава дека токму во насока на раст и развој на двата македонски аеродрома е мастер-планот кој во моментов го подготвуваме со помош на нашиот мнозински сопственик АДП.
– Целта е дополнително да ја развиеме авиоиндустријата во Македонија. Анализите ќе покажат што сè е потребно да се направи на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а потоа истиот ќе ѝ го презентираме на Владата. Нашата цел е да ги направиме скопскиот и охридскиот аеродром регионални авијациски центри, конкуретни на останатите аеродроми во регионот, потенцира Курт.
Oсвен во капитални инвестиции и развој на мрежата на нови авиокомпании и авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром, ТАВ Аеродроми ќе продолжи да го вложува своето групациско знаење и ресурси и во обезбедување на високвалитетни и конкурентни услуги на двата македонски аеродрома.
– Следејќи ги трите столба на корпоративното управување на нашата групација ТАВ Аеродроми, а тие се – гостопримство, дигитализација и одржливост, ќе продолжиме со интеграција на сите видови авијациски и неавијациски услуги во рамки на нашето управување со аеродромите, со цел да креираме иновативни аеродроми кои постојано ќе ги евалуираат барањата на патниците и ќе креираат клиентско искуство скроено по нивна мерка, објаснува Каптан.
ТАВ Аеродроми од 2010 година досега во двата македонски аеродроми има инвестирано над 300 милиони евра и на скопскиот и охридскиот аеродром вработува над 1.000 луѓе – во ТАВ Македонија, како аеродромски оператор, како и во сестринските фирми БТА, АТУ, ТАВ Технолоџис и ТАВ МОС. Во првите осум месеци годинава ТАВ Аеродроми опслужи 2,1 милион патници (2.128.981) на двата македонски аеродрома, што е 4% зголемување во однос на лани и 17.196 лета што е за 12% повеќе од истиот период во 2023 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива