Охрид, 21. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Facebook групата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 објавен е интересен напис за старото работничко училиште „Свети Сава“ во Охрид, кое според авторите би било одличен ликовен музеј, по углед на бројни вакви објекти ширум светот.
Написот го пренесуваме во целост.
Сите ние мечтаеме по нешто. Мечтаењето, или сонувањето со отворени очи, е здрава работа. За миг ги забораваш сите проблеми и сѝ отпловуваш во некој паралелен свет во кој ти си центарот на светот и ти се случуваат убави работи.
Тоа „нешто“ по што мечтаеме се менува во текот на животот. Кога бев средношколец и тренирав кошарка, мечтаев дека играм утакмици со тогашните југословенски кошаркарски ѕвезди: Дражен Петровиќ, Владе Дивац… Кога со Марија отидовме на магистериум во Флорида и почнав да работам како асистент во проектот на НАСА, мечтаев дека НАСА го изработила леталото Lokheed Martin X-33 на кое што работевме, и ме почестила со едно летање во вселената. Сѝ се замислував седнат во скафандер во кабината на Икс-33 додека трае одбројувањето на последните секунди пред лансирањето на Кејп Кенеди, каде го правеа леталото.
Кога се зафатив со собирањето на слики од странските сликари кои дошле во Македонија во периодот 1850-1950 ,мечтаев дека еден ден сите тие присобрани податоци: Ворд, ПиДиЕф и Ексел фајлови ќе се средат и ќе се објават во една голема и луксузна книга. И види чудо – тој сон се оствари! Книгата се отпечати!
Една работа со метаењето: тоа слатко дневно сонување – знаеш дека е фантазија, но еден дел од тебе се надева дека тој сон можеби би можел да се оствари? Токму затоа велам дека мечтењето е здраво – за миг те ослободува од стресот и те мотивира посилно да работиш.
Во последниве неколку години, главно „нешто“ по кое сонувам со отворени очи е – Музеј кој би ја вдомил мојата привата колекција. Музеј на дела од овие странски сликари кои нѐ посетиле во периодот 1850-1950 и на кои Македонија им била муза и инспирација.
Колекцијата брои околу 200 дела. Масла на платно, акварели, цртежи, графики….Тука има материјал за три музеи да се наполнат. Купувани едно по едно од сите делови од светот во минативе 20 и кусур години. Дел од овие слики се во Македонија во магацин, дел се овде во Холандија закачени на ѕид или пикнати под кревет или во шифоњер. Би се осудил да кажам – едно национално богатство кое заслужува да биде трајно понудено на јавноста.
Со Марија сѝ одбравме и град и објект каде што би бил тој замислен Музеј – старото работничко училиште „Свети Сава“ во Охрид.
Објектот е изграден во 1898 година во нео-класицистички стил на проминентно место во Месокастро. Видлив е оддалеку . По едно тесно и стрмно уличе, до училиштето се стигнува многу бргу пешки од Летница (центарот на Охрид). Погледот кон езерото и стариот град од таа локација е спектакуларен. Пред училиштето има и градина во која што посетителите би можеле да уживаат во кафето пред или после посетата на музејот.
„Свети Сава“ е всушност дел од приказната за Странските Сликари. За време на Првата светска војна , училиштето било користено како касарна во која спиеле германските и австроунарските војници. Меѓу нив биле и сликарите Готард Бауер, Леополд Форстнер, Густав Вундервалд, Роберт Стреит… Подоцна српскиот скулптор Бранислав Иванчевиќ го отвора во „Свети Сава“ училиштето за дрвна резба и образува генерации на охридски копаничари (Димитри Јанков на пример) и со тоа ја спасува уметноста на македонското копаничарство од исчезнување.
Денес „Свети Сава“ е во лоша состојба. Објектот е под заштита на Управата за културно наследство, но е во сопственост на Г.П. „Гранит“. Летоска слушнав дека „Гранит“ веќе изработил проект за реставрација и пренаменување на објектот во – апартмани. Апартманите ќе почнат да се прават наскоро.
По сѐ изгледа, „Музејот“ ќе ми остане во мислите како сладок сон. Штета. На Охрид му недостасува Ликовен Музеј. И тоа баш ВАКОВ музеј – кој би понудил содржина интересна и за граѓаните на Македонија и за туристите. Оти знам со сигурност дека Холанѓаните многу ги интересира кои холандски сликари твореле во Македонија, Французиве ме прашуваат истото за француските сликари, итн.
Во светот постојат многу вакви, т.н. „Легат“ музеи направени од дела од приватни колекции. На пример музеите на келекцијата на Пеги Гугенхајм во Венеција и Њујорк. Постојат и на Балканот, на пример музејот на колекцијата на Павле Бељански во Нови Сад, Србија. Работат одлично, не се на товар на буџетот на општината или државата, напротив, генерираат профит.
Ќе продолжам со мечтаењето. Ко ј знае, можеби еден ден и овој сладок сок ќе се оствари? (Крај)
извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950