Охрид, 24. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Езеро со видно намален водостој.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,22 м.н.в, што е за 12 сантиметри под просекот за септември (693,34 м.н.в), 5 над природната кота (693,17 м.н.в), односно 12 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в).
Од почетокот на месецов езерското ниво е намалено за 7 сантиметри, со што во приобалниот дел сé поголеми се сувите делови.
Во Охрид денес променливо облачно и релативно топло време. Од пладневните часови ќе има локална појава на повремен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се искачи до 20. степени.
– Следува период на релативно топло време. Денеска и утре ќе има зголемено наоблачување со локални врнежи од дожд, краткотрајно поројни и повремено проследени со грмежи. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно со постепен пораст на температурата, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР