Скопје/Охрид, 24. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан, заедно со делегација од унгарската Влада, во четврток и петок, на 26-ти и 27-ми септември ќе престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија.
Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски во петок ќе оствари официјална тет а тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.
Во петок ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница, а по завршувањето на седницата на истата локација се очекува прес-конференција да одржат двајцата премиери.
Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива