Охрид, 27. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан, денеска од Охрид порача дека смета дека е „историска грешка на квадрат“ што Македонија се одвои од Албанија во преговорите со ЕУ и се понуди да биде посредник меѓу Скопје и Софија.
Посетата на Република Македонија тој ја започна вчера, на 26-ти септември, денот кога од Брисел стигна веста за одвојувањето на Тирана и Скопје во преговорите со ЕУ. Тој оцени дека ваквиот потег е „историска грешка на квадрат“, а како премиер на земјата која претседава со Унијата, тој се понуди и за посредник меѓу Македонија и Бугарија.
– Јас имам свој предлог и му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека ние сме подготвени да го искористиме претседавањето со ЕУ и да посредуваме во ова прашање. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да посредуваме, рече Орбан додавајќи дека се работи „да се најде решение кое ќе им одговара и на Македонците и на Бугарите“.
Орбан додаде дека националната гордост е најважна за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Македонија.
– Тоа создава рани. Голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира, истакна Орбан.
Заедно со премиерот Христијан Мицкоски, тој денеска положи свежо цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во Охрид, а ја посетија и црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, за која истакнаа дека е „место преполно со историја и духовно наследство“.
извор: ОхридПрес фото: архива