Охрид, 29. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го празнуваат Денот посветен на Света великомаченичка Ефимија.
Родум од Халкидон. Татко ѝ беше сенаторот Филофрон, а мајка – Теодорисија, обајцата благочестиви христијани. Ефимија беше прекрасна девица и по тело и по душа. Кога антипатот Приск устрои празник за жртвопринесување на Ареј во Халкидон, тогаш четириесет и деветмина христијани за да го одбегнат тоа скверно жртвопринесување се сокрија. Меѓутоа, ги пронајдоа и ги изведоа пред Приск. Меѓу нив беше и Ефимија. Кога надмениот Приск ги запраша зошто не ѝ се покоруваат на царската заповед, тие одговорија: „И на царската и на твојата заповед треба да ѝ се покориме, ако не Му се противи на небесниот Бог; ако пак се противи на небесниот Бог, не само што не треба да ѝ се покоруваме туку треба и да ѝ се противиме.“
Тогаш Приск ги стави на разни маки, и тоа деветнаесет дена по ред, секојдневно. Дваесеттиот ден ја одвои од останатите Ефимија и почна да ѝ ласка за нејзината убавина за да ја придобие за идолопоклонството. А, бидејќи сите ласкања пропаднаа залудно, заповеда да ја мачат девицата. Ја мачеа прво на тркало, но ангел Божји ѝ се јави и го искрши тркалото.
Потоа, ја фрлија во огнена печка, но со Божја сила беше сочувана. Кога го видоа тоа, двајцата војници Виктор и Состен поверуваа во Христа, заради што беа фрлени пред ѕверовите и така славно го завршија својот живот. Потоа, Ефимија беше фрлена во ров исполнет со вода и со секаква отровна нечистотија, но таа ја прекрсти водата кога влезе во ровот и остана неповредена.
Најпосле, ја изведоа пред дивите ѕверови, таа со благодарност Му се помоли на Бога и го предаде својот дух. Нејзините родители чесно го погребаа телото. Пострада во 304 година и се пресели во вечната радост. Се споменува и на 24-ти јули.
Тропар
Возљубувајќи Го Твојот Женик, Христос, светлата твоја свеќа ја подготви, но заблескаа твоите добродетели, сефална Ефимијо, со тоа ти за Него се оневести, венец за страдањата од Него примајќи. Затоа од беди избави нe нас, кои со вера го чуваме твојот свет спомен. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива