Охрид, 6. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Да се потсетиме на неколку легенди на големиот Цар Самуил, средновековен македонски владетел кој на преминот од X кон XI век формирал пространо царство на територијата на Балканскиот Полуостров.1. Легендата за Билјана
Цар Самуил имал тајна љубов со Билјана, која заслепувала со својата убавина. Тој бил многу вљубен во прекрасната и заносна Билјана и тајно – покрај изворите се среќавал со убавицата. Откако сопругата на царот Агата, разбрала за оваа голема љубов, го испратила својот помлад брат да ја убие, тој ја стрела Билјана со лак, но таа не умира, туку останала парализирана. Не сакајќи во таква состојба да ја види царот, се засолнила во пештера на Галичица каде што му родила син на цар Самуил. Според легендата кога Самуил конечно дознал каде е неговата најголема љубов, таа веќе била изнемоштена и починала во негови раце. Историски факти: Сопругата на Самуил се викала Агата и таа била ќерка на протевонот на Драч – Јован Хрисилиј, кој пак имал два сина – браќа на Агата. Во време на Македонското Самуилово Царство, Драч бил во составот на царството, под управа на дедото по жена на Самуил. Самуил и Агата го имале синот Радомир Гаврил (второто име го добил по патриархот на Охридската Патриаршија, Герман – Гаврил), кој по смртта го наследил на царскиот престол и четири ќерки – Косара, Мирослава, Катерина и Марија. Но, изворите спомнуваат и „вонбрачен син“ кој се викал Трајан. По падот на царството во 1018 година и по преговорите и договорите помеѓу царицата Марија и Василиј II, тој заедно со целото царско семејство заминал за Цариград каде добил висока аристократска титула. Трајан е дедо на Ирина, сопруга на царот Алексеј Комнин и прадедо на Ана Комнина – нивна ќерката и самата писател. Оттука веројатноста е голема Трајан да бил син на цар Самуил и Билјана.
2. Легендата за Преспана
Во друга легенда се говори дека цар Самуил имал ќерка по име Преспана која по смртта на својот татко живеела во селото Царев Двор. Нејзината убавина, мудрост и храброст биле надалеку познати и за неа слушнал еден византиски дворјанин. Тој била самиот цар Василиј и решил да ја побара раката на Преспана, па со цела свита дошол кај неа. Не сакајќи да му стане сопруга на противникот на нејзиниот покоен татко, таа се фрлила во езерото кое по нејзе го добило своето име.
3. Легендата за Самоиловиот меч
Легендата вели дека пред 1.000 години цар Самуил наредил да се засади дрво – јавор (чинар) во Охрид. Кога дрвото се’ уште било младо – фиданка, цар Самуил во неговото стебло го забил својот меч за да кое ја означува моќта на царството кое се простирало на целиот Македонски полуостров. Годините минувале јаворот растел и се разгранувал, а стеблото сраснало околу мечот. Во надоаѓачките векови Македонија доживеала подеми и падови (востанијата на Дељан, Војтех, Крс, Стрез), но мечот стоел во стеблото на силното дрво. Кога Османлиите тргнале на Охрид, некој силен воин го истргнал мечот на цар Самуил од срцевината на стариот јавор и тогаш Македонија потпаднала под Османлиско ропство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива