Охрид, 8. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека становите повторно поскапеа, не стивнува побарувачката и дека Охрид останува меѓу најатрактивните градови е помеѓу најкоментираните деновиве на нашиот Facebook профилот на OhridPress.
Во првиот квартал цените се зголемија за само 4,6 проценти, но од вториот квартал повторно има голем раст на цените на недвижнините. Овој тренд на значително поскапување на имотите започна со четвртиот квартал во 2021 година, и продолжи низ цела 2022 година, односно во втората половина на 2022 кога становите поскапеа најмногу. Побарувачката на станови посебно во централните градски населби во Скопје, но и во останатите поголеми градови во Македонија како Битола, Велес, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица не стивнува и според познавачите на градежниот сектор, цените ќе останат вакви какви што се, со евентуална можност да бидат стабилизирани на ова ниво во текот на цела 2025 година.
Читателите на OhridPress во коментарите посочуваат дека исклучително високите цени по метар квадратен и наводната постојана побарувачка на станови може да се објасни со перење на огромни пари со овој сектор. Како можно решение на проблемот се посочува подигнување на дел од даноците, а во еден од коментарите и сосема оправдано се констатира дека „вака се уништува туризмот во Охрид“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес