октомври 8, 2024

Охрид, 8. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Традицијата продолжува, мисијата трае, утре и задутре во Охрид ќе се одржи осмото издание на „Гастромак“ со веќе познатото мото: „Гастромак и пријателите“.

Започнува со предавања и мастер класови на најпознатите Wacs судии (World Association of Chefs Societies). Етаблирани готвачки имиња од екс -ју простори и пошироко: Уве Мишел, потпретседател на светската организација на готвачи Wacs, Вакс судиите и вистинските брендови во својата бранша: Изток Легат од Словенија, Стево Карапанџа од Хрватска, Драгица Лукин од Хрватска, Жељко Невен Бремец- Претседател на Скмер, Дон Давид од Русија, Вуко Митровиќ од Црна Гора, Хамид Хаџиќ судија од Босна и Амбасадор на Скмер, Асан Даутовиќ, претставник на Гастромак, ќе одржат интересни предавања поврзани за готвачки брендови, најнови трендови во угостителство, висока гастрономија, креирање на сезонско мени, што е бранч и кога се служи, специфики на балканската кујна…, информираат од „Гастромак“.


Мастер класовите ќе бидат со Драгица Лукин – пекарство и слаткарство и со Жељко Бремец, Хамид Хаџиќ и Никола Мишковски, а темата е „Специјалитетите на куќа со локални продукти (риба, месо и зеленчук)“.

Целта на „Гастромак и пријателите“ е студентите да се мотивираат, да им се даде ветер во грб со унапредување на нашата гастрономска сцена, и идните кадри од Факултетот за туризам и угостителство да останат во Македонија.

Предавањата се наменети за студентите на факултетот, но влезот е слободен и за сите што се заинтересирани за настанот.

Овој гастро-едукативен настан со познатите гастро-асови што ќе се случува на 9-ти и 10-ти октомври е во организација на Гастромак, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука