News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 8, 2024

Скопје/Охрид, 8. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“ од Охрид поднесе иницијатива, Врховниот суд пресече: Граѓаните ќе може да ја тужат државата поради загаден воздух. Овој начелен став го донесе Врховниот суд на денешната јавна седница, каде судиите расправаа во однос на поднесената иницијатива од адвокатско друштво од Охрид за тоа колку државата обезбедува или не услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Граѓаните во постапка пред Управниот суд можат да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и да тужат во управна постапка ако им е загрозено здравјето, одлучи на денешната седница Врховниот суд на Република Македонија.

– Согласно националната и меѓународната регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка може да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат основните плански документи од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух како општи акти. Во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејствија со кои се повредуваат уставно загарнтираните права и слободи, кога таа конкретна судска заштита не е предвидена со Уставот и другите закони, се вели во начелниот став.

Ваквиот став на Врховниот суд следува откако Управниот суд во неколку наврати ги одби тужбите на граѓани дека Република Македонија не презема мерки за заштита на животната средина. Со начелниот став се задолжува Управниот суд да постапува поинаку од досегашната пракса. Иницијативата пред Врховниот суд за утврдување на начелно правно мислење беше поднесено од Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“ од Охрид во 2023 година. И претходно имало тужби од граѓани кои неколкупати била одбивани од Управниот суд, кој се произнесувал како ненадлежен за на крај предметот да заврши пред Врховен.

Адеми – Обврска на државата е здрава животна средина

Пред донесувањето на начелното правно мислење, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми истакна дека пристапот до здрава животна средина е фундаментално човеково право и е загарантиран со Уставот на државата и дека е поврзан со унапредување на здравјето на граѓаните.

– Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Обврска на државата е да им обезбеди на граѓаните здрава животна средина. Во законот за животна средина мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина се дефинирани како јавен интерес. Законодавецот обезбедил судска заштита на уставно загарантирано право, изјави Адеми.

На денешната расправа беше повикан и професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски, кој истакна дека судската власт мора да биде коректив на извршната власт. Тој повикувајќи се на статистиките, кажа дека од 10 родени деца, едно починува поради загаден воздух.

– И на УКИМ на кампусот имавме мерач на загадување и тој веќе не работи. Институциите се должни на граѓаните да им дадат навремени и точни податоци за амбиенталниот воздух. За да може секој да си го бара своето право. Не се почитува иако е дел од нашето законодавство, рече Давитковски.

Тој смета дека јавните органи не сакаат да водат сметка за оваа уставна заштита на човековите права на граѓаните. Дополнително, кажа дека ако се земат податоците на Институтот за јавно здравје дека на годишно ниво од загаден воздух умираат до 5.000 граѓани, тоа значи дека во изминатите 30 години една десетина од жителите на Република Македонија го загубиле животот и никој ниту реагирал, ниту одговарал за тоа.

– Мислам дека на овој начин судот ако влезе во спор, бидејќи се работи за јавен интерес, тука судот и превентивно и осудително ќе дејствува да ги натера јавните органи дека некој води грижа за граѓаните бидејќи немаат друга судска заштита и треба да ги стават на столбот на срамот јавните органи кои не постапиле по своите надлежности, рече Давитковски.

Официјалните податоци на државниот мониторинг секоја година покажуваат дека градовите како Скопје, Битола и Тетово имаат високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички, особено во зимските месеци.

– Според податоците кои ги презентираше претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, добиени од судовите во кои се воделе постапки за кривични дела против животната средина, во последните четири години судовите имаат донесено 242 правосилни пресуди со кои се осудени 280 лица. Пресудите се однесуваат на парични казни, затворски или алтернативни санкции. Поголемиот дел се кривичните дела се извршени со умисла, а некои од небрижност, рече Адеми.

Повод пресудата на Европскиот суд против Швајцарија

Тужбата пред Управниот суд на адвокатското друштво од Охрид е поведена по примерот на неколку државјанки на Швајцарија, кои ја тужеа државата пред Европскиот суд за човекови права дека ги прекршила законите и не ги заштитила граѓаните од ефектите на климатските промени. Во април годинава, највисокиот европски суд (ЕСЧП) пресуди во нивна корист, утврдувајќи дека Швајцарија не го успорува влијанието на глобалното затоплување. Тогаш, светските медиуми пишуваа дека ова е првпат меѓународен суд да утврди дека владите се законски обврзани да ги исполнат своите климатски цели во согласност со законите за заштита на човековите права. Европскиот суд пресуди дека Швајцарија има „критични недостатоци“ во нејзините планови за намалување на емисиите на стакленички гасови и истакна дека земјата не ги исполнила претходните цели за емисии.

– Швајцарските власти не постапија навремено и соодветно за дизајнирање и спроведување на релевантните закони, рече судот во својата одлука на 9-ти април годинава. (Крај)

извор: Радио Слободна Европа/Петар Клинчарски фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука