Охрид, 12. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вториот Форум за културна дипломатија во ко-организација на Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин се одржа вчера во Охрид.
Tемата на форумот беше „Младите лидери за меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир”, а во публиката, со можност за прашања и дискусија беа и младите учесници на 15-тата Школа за млади лидери.
Воведни зборови на првиот панел имаа поранешниот Претседател Иванов, Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и Мари-Луис Колеиро Прека, поранешна Претседателка на Малта. Оваа панел дискусија беше на тема „Лидерство, културни мостови и правни рамки за пост-конфликтно помирување”, која ја модерираше амбасадорот Ивица Боцевски, специјален претставник на Владата при Унгарското претседателство со ЕУ. За лидерството, културните мостови и правните рамки за пост-конфликтно помирување дискутираа Младен Иваниќ, поранешен Претседавач со Претседателството на БиХ, 2014-2015, 2016-2017; Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска 2007-2014, Јоси Беилин, поранешен министер за правда на Израел; Драгољуб Поповиќ, поранешен судија, Европски суд за човекови права; Каталин Богиај, Претседател на 36-та Генерална конференција на УНЕСКО, Поранешен амбасадор на Унгарија на ОН и УНЕСКО; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија.
На прашањето како да се градат културни мостови меѓу младите Претседателот Иванов истакна дека прво и најосновно е интеркултурниот дијалог кој е основа за градење разбирање меѓу младите од различни култури. Тој истакна дека во изминатите 15 години на Школата за млади лидери имавме учесници од сите континенти и од различни култури, и дека тоа искуство е многу позитивно затоа што личниот контакт е незаменлив.
На вториот дел од форумот, воведни обраќања имаа Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Елена Кузмановска. Во панел дискусијата на тема „Одржлив развој, безбедност и економска дипломатија за олеснување на глобалното владеење” свои излагања имаа Али Џалали, поранешен министер за внатрешни работи на Авганистан, Давор Филиповиќ, поранешен министер за економија и одржлив развој на Хрватска, д-р Ханс Кохлер, претседател на Меѓународната организација за напредок, Нондас Метаксас, поранешен извршен директор на Кипарската берза и г-ѓа Тасмина Ахмед-Шеик, претседател на партијата Алба, Шкотска.
Воведното излагање на форумот го даде д-р Иван Иванов, професор и Претседавач на Извршниот одбор на Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“, а на вториот панел, пак, модератор беше Марк Донфрид, Директор на Институтот за културна дипломатија од Берлин. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива