Охрид/Буенос Аирес, 17. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 31-годишна возраст, по пад од балкон на хотел во Буенос Аирес почина Британскиот пејач Liam Payne, поранешен член на групата One Direction.
CNN пишува дека пејачот бил пронајден мртов пред The Casa Sur Hotel во луксузниот кварт Palermo, откако паднал од третиот кат. Смртта ја констатирала полицијата, а лекарите изјавиле дека „немало начин да се спаси“.
Очевидци за американскиот таблоид TMZ изјавија дека несреќата се случила нешто по 17:00 часот по локално време. Тие тврдат и дека Liam претходно „се однесувал чудно во лобито на хотелот“. Напоменуваат и дека го „скршил лаптопот“.
И во официјалното соопштение стои дека полицајците биле испратени во хотелот по итен повик „во кој биле информирани за агресивен маж кој можеби бил под дејство на дрога и алкохол“. Кога стигнале, полицаецот, како што вели, слушнал силна бучава во внатрешниот двор на хотелот.
Тој беше во Аргентина на гостување на концертот на Niall Horan, поранешен колега од One Direction. Оваа вест ги шокираше фановите ширум светот, кои се збогуваат на социјалните мрежи.
Обожавателите се збогуваат и во коментарите на неговиот Instagram профил, каде го следеа над 26 милиони луѓе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива