Лондон, 14. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Необјавени песни на познатиот американски гитарист Џими Хендрикс се дел од каталогот сувенири коишто му припаѓале на покојниот музичар, а би требало да бидат понудени на аукција во ноември. Организатор на наддавањето е продавницата за забавни сувенири „Пропстор“ (Propstore).
– Кога првпат имавме можност да ја истражиме оваа архива, веднаш бевме воодушевени од длабочината и значењето на материјалот. Ова е неверојатна колекција којашто не само што го отсликува личниот живот на Џими Хендрикс, туку Ве враќа во клучните мигови во музичката историја, изјави Марк Хонам, консултант за музика и постери во „Пропстор“.
Колекцијата била извадена од архивата на Патриша „Трикси“ Саливан, која соработувала и била блиска со менаџерот на Хендрикс, Мајк Џефри.
Сега првпат, обожавателите на Хендрикс имаат можност да наддаваат за различни лични предмети коишто откриваат повеќе за музичките потфати и животот на Хендрикс вон сцената… Меѓу предметите има и 50 ретки ленти, вклучително и необјавени снимки, како и лични записи и документи, на пр. рачно напишано барање за извод од Матичната книга на родени, планови за турнеја, па дури и потврди за хемиско чистење на облеката и друго. (Крај)
извор: Сител фото: архива