Охрид, 13. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници утре го прославуваат празникот Покров на Пресвета Богородица, за кој се верува дека е најважниот женски празник и ден кога Пресвета Богородица ќе ги исполни сите желби кои се кажани со чиста вера.
Ако девојка сака среќно да се омажи, треба да оди во црква и да се помоли пред иконата Пресвета Богородица. Треба да донесе крпа, која ќе ја донира во црквата и да се моли Богородица да ѝ ги прекрсти патиштата со идниот младоженец. Омажените на овој ден купуваат хризантеми, ги ставаат пред врата за да привлечат среќа, љубов и семејна благосостојба. Тие кои немаат деца на овој ден се молат да добијат. Доколку во ваша близина има млад брачен пар, кој според вас имаат идеален брак, би било добро да разговарате со нив на овој ден за тоа што е потребно за среќен брак.
Секоја година, 14-ти октомври се празнува како Покров на Пресвета Богородица, празник кој е посветен на нејзиното покривање, превезот што таа го распослала над христијаните, во видение кое го имале преподобниот Андреј Јуродиви и неговиот ученик. Се верува дека таа сè уште го држи овој превез над нас и не штити од злото. Жените кои немаат деца на овој голем ден палат свеќи, се молат и постат.
Црквата со векови ја прославува Пресвета Богородица како заштитничка на христијаните, која со своите молитви го помирува Бога кон грешниците. Таа е позната по тоа што им помага на поединци, но и нации во војна и мир.
Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1. октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше Св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение Св. Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се ужаснувам!“. Заради ова се востанови ова празнување, за да нѐ потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива