Штутгарт/Охрид, 15. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Наташа Совраноски, 25-годишната жена и мајка на едногодишно девојче, која по 25 дена откако исчезна во Штутгарт, Германија, беше пронајдена мртва во шума, беше погребана пред четири дена.
Нејзиното семејство, со потекло од Охрид, а кое живее во Германија, соопшти дека погребот се одржал во Синделфинген и се заблагодарија на сите кои дошле на последното испраќање на Наташа.
Истовремено, се огласија и од германското здружение „Frauen helfen Frauen e.V. Calw“, кое им пружа поддршка на жените жртви на семејно насилство, и порачаа да не се толерира насилството, бидејќи секој трет ден во Германија се случувало жена да биде убиена од нејзиниот партнер.
– Запрепастени сме и сочувствуваме со загубата на 25-годишната Наташа од Бад Тејнах Завелштајн. Младата жена и мајка, која беше исчезната од втори септември 2024 година, беше пронајдена мртва на 27ми септември, како последица на насилство. Јавното обвинителство потврди дека осомничениот бил во врска со Наташа. Ваквите ужасни настани не потсетуваат сите колку е важно да се залагаме за правата и заштитата на жените за да се осигураме дека насилството врз жените нема да се толерира. На секои четири минути една жена доживува насилство од нејзиниот партнер или поранешен партнер. Секој трет ден жена во Германија е убиена од нејзиниот партнер или поранешен партнер. Сепак, насилството во сопствените четири ѕида премногу често се премолчува во јавните дебати и се отфрла како приватна судбина. Престанете со насилството врз жените! Престанете да убивате жени! Престанете со фемицидот! Жените од Управниот одбор и вработените во здружението им помагаат на жените со безрезервна поддршка, стои во соопштението на „Frauen helfen Frauen e.V. Calw“.
Комплетната информација на Фокус ОВДЕ. (Крај)
извор: Фокус/Вики Клинчарова фото: архива