Скопје/Охрид, 15. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – На претстојните парламентарни избори во Бугарија, во Република Македонија ќе се гласа на пет избирачки места: Скопје, Битола, Прилеп, Струмица и Охрид, објавија од бугарското Министерство за надворешни работи.
Според податоците од МНР, во земјава за гласање се пријавени вкупно 61 бугарски граѓанин. Најмногу пријавени има во Прилеп – 45, во бугарската амбасада во Скопје се пријавиле 10, во Генералниот конзулат во Битола петмина, во Струмица еден бугарски граѓанин, а во Охрид не се пријавил ниту еден. Овој број може да се смени, бидејќи на избирачките места може да се појават и да гласаат без претходно да се пријават.
Ова е занемарлива бројка во однос на вкупниот број на Бугари пријавени на последниот попис во земјава – 3.504, а уште позанемарлива во однос на бројот на македонски граѓани кои имаат бугарски пасоши, а кој според изјавите од Бугарија се движат од 120.000 до 150.000.
На последните избори во Бугарија што се одржаа во јуни годинава во Република Македонија беа пријавени 120 Бугари кои гласаа во Скопје, Битола, Кавадарци, Струмица, Велес и во Охрид. На претходните избори, пак, беа пријавени 461 лице. (Крај)
извор: Слободен печат фото: ОхридПрес