Скопје/Охрид, 15. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со предвидената динамика се одвиваат градежните работи за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје кои почнаа во април, а неодамна почна реконструкцијата и на студентскиот дом „Стив Наумов“.
„Кузман Јосифовски- Питу“ и „Стив Наумов“ се првите два студентски дома кои ќе се реновираат, а градежните работи на двата објекта ќе чинат 17 милони евра. За 18 месеци од почетокот на реконструкциите двата дома ќе станат современи, со подобрена одржливост и енергетски ефикасни, што ќе придонесе за почиста животна средина и за финансиски заштеди.
Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка од 20 милиони евра и грант од речиси 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
Овие два дома се дел од првата фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија. Во следните две фази, во наредните четири години, се планира реконструкција на уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Сите ќе имаат енергетски ефикасни фасади, нова водоводна и електрична инсталација, еко-системи за греење, енергетски ефикасни лед-светилки, комплетна промена на санитаријата и квалитетни безбедносни стандарди. Домовите ќе имаат фотоволтаични панели на покривите, што ќе придонесе за голема заштеда на енергија и за намалување на емисија на јаглероден диоксид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес