Охрид, 16. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за внатрешни работи, во со-организација со Регионалниот ИПА проект ЕУ4ФАСТ и Меѓународната организација за миграции од 14-ти до 17-ти октомври 2024 година, во Охрид спроведува „Симулациска вежба за размена на информации во реално време за криумчарење мигранти и трговија со луѓе долж Источно-медитеранска рута“.
Преку симулирана размена на информации за прекугранични случаи на криумчарење мигранти и трговија со луѓе со однапред подготвени сценарија ќе се идентификуваат добрите практики на земјите учеснички од регионот, да се посочат увидените предизвици и заеднички да се дадат препораки за надминување на истите.
– Активноста е од особено значење за согледување на состојбата на национално ниво од аспект полициско-обвинителска соработка, како и понатамошно зголемување на нашата соработка со сите држави кои се дел од Источно-медитеранската рута, информираат организаторите.
Додаваат дека само со интензивна соработка и меѓусебна, брза, ефикасна и непосредна размена на информации, можеме да се справиме со предизвиците со кои се соочуваме на национално, регионално, како и на меѓународно ниво. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива