Охрид, 17. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Припадници на МВР денеска во Охрид изведоа симулациска вежба за размена на информации во реално време за трговија со луѓе и криумчарење мигранти долж Источно-Медитеранската рута.
Благодарност за успешно изведената вежба изрази заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, кој посочи дека прекуграничната размена на информации значително е подобрена, и помеѓу администрацииите во Западен Балкан, но и помеѓу нив и земјите членки на ЕУ, пред се и поради бројните правни акти и канали за комуникација што стојат на располагање.
– Мое лично убедување е дека квалитетот на персоналот е од клучна важност за постигнување оптимална ефикасност, но исто толку важно е и елиминирањето на националните граници кога станува збор за размената на информации. Невозможно е, се надевам ќе се согласите со мене, размената на информации да го постигне својот целосен потенцијал кога постојат различни национални системи, бази на податоци, регистри, правни системи, легислативи за заштита на податоци, и озгора на сé – значителни проблеми во интероперабилноста. Од друга страна, пак, нашата задача не ја завршуваме единствено со размена на информации. Време е сериозно да работиме и на воспоставување практики на спонтано споделување информации или ако сакате, нивно циркулирање помеѓу нас, агенциите за спроведување на законот на национално ниво, а потоа и на регионално или европско ниво, потенцираше, меѓу другото Исени.
Тој ја искористи можноста да потсети на петте општи начела врз кои потпира Директивата на Советот и на Европскиот Парламент за размена на информации меѓу органите за спроведување на законот во земјите членки од 2023 година, достапност, еднаков пристап, доверливост, сопственост на податоци и сигурност на податоци, посебно акцентирајќи ја меѓусебната доверба како основен предуслов за успешна и ефективна размена и споделување информации.
Инаку, симулациската вежба се спровеуваше на потегот кај Студенчишкиот канал, на источното крајбрежје на Охридското Езеро.