Скопје/Охрид, 18. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски во телефонски разговор со началникот за насилен криминал во СВР Скопје – Дејан Димовски, спомнал за потенцијална вмешаност на постари лица од Охрид и Велес.
Ова беше истакнато денеска на продолженото судење за двојното свирепо убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Сведочеше началникот за насилен криминал во СВР Скопје – Дејан Димовски, за кого било сомнително како таткото на Вања ги предвидува настаните – прво дека Вања е киднапирана, потоа убиена, а ноќта пред киднапирањето, и пратил порака на Вања, добро да се облече. Димовски рече дека токму Ѓорчевски пратил слики од возилото „Цитроен“ пред тоа да биде пронајдено запалено, а потоа и кажал за второто возило „Кангу“ пикап, посочувајќи ги како сомнителни возила, јави 24.mk.
– При проверка на возилото рено кангу и снимките од сејф сити, тие го лоцирале на паркингот кај партијата Десна, каде што го нашле обвинетиот Влатко Кешишев, кој ги пречекал со зборовите Каде сте до сега, ве чекавме? Кешишев готвел на Палчо, спиел во седиштето на партијата Десна, а на полициските службеници им рекол дека работи по насоките на Палчо. Токму Кешишев ја однел полицијата до местото каде била закопана Вања и ја насочил полицијата да го побара Велибор Манев кој откако бил уапсен, ја однел полицијата до телото на убиениот Панче.
Исто така Ѓорчевски во телефонски разговор со Димовски споменал потенцијална вмешаност на постари лица од Велес и Охрид. Патеката на движење на Александар добиена од safe city посочува дека на дента на исчезнувањето и убиството на Вања, тој веќе се движел кон Качанички пат. Според исказите, обвинтетите Манев и Видевски се тие кои го поврзале таткото на Вања со Палевски, но не знаеле зошто таткото би бил вмешан во киднапирањето на ќерката. Во текот на сведочењето началникот спомена и дека таткото „по грешка“ пратил порака во групен разговор со родители од одделението на Вања. Кратката порака гласела „Кажете само колку пари треба“, но отпосле ја избришал пораката која ја пратил.
За одбраната на таткото на Вања, адвокатот Туфеѓиќ вели дека без учеството на Александар, полицијата можеби и немала да ги поврзе двете убиства.
На денешното рочиште сведочеше и роднина на мајката на Вања. Тој рече дека таткото на девојчето се однесувал „чудно“ во потрагата. Следното рочиште е закажано за 13-ти ноември. (Крај)
извор: 24.mk фото: 24.mk