Скопје/Охрид, 20. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во издание на Општина Охрид од печат излезе двотомната книга „За македонистиката отворено“ (второ издание на „За македонистиката отворено“ I книга и „За македонистиката отворено“ II книга) од Свето Стаменов, политиколог, новинар и еден од најплодните македонски публицисти, и проф. д-р Димитар Пандев, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје и еден од најзначајните македонски лингвисти, слависти и македонисти.
„За македонистиката отворено“ I книга, чие прво издание беше промовирано во рамките на свеченостите со кои Општина Охрид минатата година го одбележа 23 Октомври Денот на македонската револуционерна борба, содржи 21 радио-разговор емитуван во периодот од 19 ноември 2016 година до 14 февруари 2022 година во авторскиот проект „Quo vadis“ и во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио-Радио Скопје и во неа, на 360 страници се „распослани“ радио-разговори за Крсте Мисирков (посветени на 90 и 95-годишнината од неговата смрт), за свети Климент Охридски (по повод 1100-годишнината од неговото упокојување), за Блаже Конески (по повод 100-годишнината од неговото раѓање), за Григор Прличев, за „Бели мугри“ на Кочо Рацин, за големите македонистички јубилеи, за најновото издание на Правописот на македонскиот јазик, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања која го негира постоењето на македонскиот јазик, како и за предизвиците пред кои се исправени македонскиот јазик и македонистиката, воопшто.
„За македонистиката отворено“ II книга, пак, на 480 страници содржи 28 радио-разговори емитувани во периодот од 4 мај 2022 до 6 април 2024 година во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио Радио Скопје, првенствено посветени на одбележувањето значајни годишнини од македонската културна и сеопшта историја, како што се: 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев; 130-годишнината од смртта на најзначајниот македонски поет во XIX век Григор Прличев; 120-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, на која ѝ е посветен мини-серијал од 5 интервјуа; 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, несомнено еден од најзначајните македонски поети; 100-годишнината од смртта на Ватрослав Јагиќ, еден од најпознатите светски лингвисти и слависти; 80-годишнината од загинувањето на основоположникот на современата македонска литература Кочо Рацин; 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, на кое беше донесено решение за прогласување на македонскиот јазик за службен јазик во новата македонска држава, како и 75-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во книгата се застапени и радио-разговорите посветени на најновите дела на проф. д-р Димитар Пандев: „Историски портрет на македонскиот јазик (мини-серијал од 3 интервјуа), „Писателот во функција на јазикот“, „Книга за светите браќа Климент и Наум“ и „Охридски поети“ (во коавторство со Славе Ѓорѓо Димоски).
Рецензенти на ова најново дело на Свето Стаменов и проф. д-р Димитар Пандев се: проф. д-р Цане Т. Мојаноски, проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Милан Јазбец и доц. д-р Бобан Карапејовски, чија општа оценка е дека двотомната „За македонистиката отворено“ е своевидна „апотеоза за македонскиот јазик“ и „уникатен радиоучебник по македонистика“. (Крај)
извор: Слободен печат фото: Слободен печат