Охрид, 20. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Лососот е меѓу омилените риби кај сите кои водат грижа за своето здравје, пред се’ благодарение на високата содржина на омега-3 масни киселини и позитивното влијание врз здравјето на срцето.
Сепак, нутриционистите истакнуваат дека сардините всушност имаат уште повеќе омега-3 масни киселини, а дополнително обезбедуваат голем број дополнителни здравствени придобивки.
Освен што се одличен извор на омега-3 масни киселини, сардините содржат и голема количина протеини, витамин Д и витамин Б12. Овие витамини се неопходни за зајакнување на коските, поддршка на имунолошкиот систем и одржување на здрава кожа. Сардините се богати и со калциум, кој придонесува за производство на колаген, кој е важен за здравјето на зглобовите и младешкиот изглед на кожата.
Сардините се поевтина и поодржлива опција
За разлика од лососот, сардините се поевтини и претставуваат еколошки поодржлива опција, што ги прави идеален избор за сите што бараат хранлива, но прифатлива по цена храна. Покрај тоа, сардините се многу разновидни во готвењето и можат да се прилагодат на различни јадења и вкусови. Имајте на ум дека лимонот, магдоносот и свежите домати совршено го надополнуваат вкусот на сардината. Препорачливо е да изберете сардина конзервирана во маслиново масло или вода, без адитиви и конзерванси.
Најдобрите начини за подготовка на сардини
Печењето на скара е еден од највкусните и најздравите начини за подготовка на сардини бидејќи ја задржува сочноста и природниот вкус. Доволно е да ги исчистите сардините, да ги премачкате со маслиново масло, да ги посолите и да додадете неколку капки лимон. Следно е да ги испечете кратко на висока температура. Се препорачува да не се претерува со нивно консумирање, пред се’ поради пурините кои можат да предизвикаат гихт. (Крај)
извор: index.hr фото: index.hr