Охрид/Белчишта, 22. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Локалниот огранок на партијата Левица, во последниот допис до медиумите, потенцираат дека поранешниот советник од ДУИ, Нефи Усеини се јавува како концесионер за експлоатација на минерална суровина – каменолом во селото Климештани.
– Од договорот склучен помеѓу Општина Дебрца и градоначалникот Зоран Ногачески, Месната заедница Климештани и „Нефи А Инвест“ ДОО во 2018 година, произлегуваат обврски на „Нефи А Инвест“ ДОО, кои до денес не се исполнети во целост. Она што најмногу ги загрижува жителите на Климештани е прашината од експлоатација на минералните суровини со која се загадува животната средина, не постои заштита од предизвикување бучавост и опасности кои произлегуваат од минирање, како и користење на локалниот пат. Жителите на Климештани поднесоа барање до Општина Дебрца со кое бараат да се спречи самоволието на локалниот шериф Нефи Усеини. Доколку за еден месец, односно до 15-ти ноември 2024 година не се постапи според нивните барања, ќе се бара раскинување на договорот, реагираат од партијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива