Охрид, 23. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, синоќа беше свечено одбележан 23 Октомври- Денот на македонската револуционерна борба.
Во името на локалната самоуправа пред присутните се обрати заменик градоначалничката Ана Крстеска, која истакна дека и денес, после 131 година, 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, одѕвонува во колективната меморија на македонскиот народ, како ден темелник за сите идни борби за независна и слободна Македонија.
– Со младешка жар и одважност, нескриена храброст и визија, Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, ги поставија основите на сите слободарски борби на македонскиот народ. Со јасна мисла, без доволно стратегија, но со нескриен жар и огромна верба, се заложиле за слободна Македонија. Овие заложби и идеи преку двата илиндена од 1903 и 1944 и 8 септември 1991 година, конечно ќе се материјализираат во независна Македонска држава. Со прогласувањето на независноста, не престанаа посегањата на нашите соседи и други моќни актери кон нашата Македонија. Во сите овие 33 години независнот, Македонија и Македонците продолжија да соочуваат со бројни тешкотии во остварувањето на своите национални и човечки идеали. Веруваме дека е дојдено времето Македонецот цврсто, простум да каже одлучно НЕ, на сите атавизми од минатото за да си го сочуваме националното достоинство и да изградиме извесна и просперитетна иднина. Затоа, денес со посебен пиетет ги спомнуваме нашите херои и основоположниците на Македонската револуционерна борба. Нека им е вечна слава и честит и вековит да ни 23 Октомври и вечна да ни е Македонија, истакна во своето обраќање Крстеска.
Свеченоста беше збогатена со богата културно-уметничка програма, со учество на учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски“, ОУ „Григор Прличев“ и музичките уметници Огнен и Олгица Здравковски, Ива Китеска, Ѓоко Чеменкоски, членовите на детското балетско студио „Наталис студио“, Градскиот хор „Vox Lychnidos“ и Татјана Стефаноска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива