Скопје/Охрид, 23. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Изречени се 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4 милиони денари, при што се казнети маркети во Охрид, Струга, Скопје, Битола, Струмица, Валандово, Куманово и Гостивар, покажува извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Казните предизвикаа револт, па дури и најави за тужби, а директорот Горан Трајковски, рече дека нема да го поколебаат притисоците од некои производители кои одат со профитни маржи дури од 70 проценти, и повторно кажа за манипулациите на трговците со единиците мерки на производите, јави Тв Телма.
– Точно е тоа дека со закон во Македонија е дозволено пакување од 1 килограм и од 1 литар на јогуртот, но општо познат факт е дека 1 килограм е помалку од 1 литар и изнесува 950 до 980 мл. Она што е забележано на терен е дека на рафт кај трговците на мало инспекторите наоѓаат производ од 1 килограм јогурт, а на етикетата за означување цени стои дека е 1 литар. Со ова се доведуваат во заблуда потрошувачите, а ние како институција тоа нема да го дозволиме, наведува Горан Трајковски, директор на ДПИ.
Владината мерка за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 проценти, завршува на крајот на месецот, по што трговците ќе можат слободно да ги формираат цените. (Крај)
извор: Тв Телма/Емилија Мисирлиевски фото: ОхридПрес