Охрид, 27. октомври 2018 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Преподобна Параскева (Света Петка) – Петковден.
Ја викаат уште и мајка Параскева и Црна Света Петка и се верува дека оваа светица ги штити од разни несреќи, но и од многу болести.
Света Петка била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и’ биле имотни и побожни христијани. Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизавала во пост и молитва до својата старост. Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години. Се успокоила во Господа во единаесеттиот век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во Романија, во градот Јаши.
Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 /14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.
Првата света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка. Се празнува на 26 јули/8 август и меѓу народот е позната како летна Света Петка.
Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. Нејзиниот спомен се слави на 10 ноември/28 октомври.
Најпозната е Параскева-Петка позната како Св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват, во Тракија, меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите ѝ биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.
Кога ѝ умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.
Кога остарела ангелот Божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто како што си мислеле, ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива