Охрид, 28. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Додека неколку дена Охридското Езеро беше на природната кота од 693,17 м.н.в., водостојот продолжи да опаѓа и се доближува до минимално дозволениот.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водостојот е на кота од 693,15 м.н.в, што е за 16 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,31 м.н.в) и само 5 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Нискиот езерски водостој предизвика од препознатливиот симбол на градот Охрид, Билјанините извори да не тече вода. Идентична состојба во овој период имаше и изминатите години.
Во Охрид денес прeтежно сончево време со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 21. степени.
– Ќе продолжи периодот на појава на магла и ниска облачност по одделни котлини. До средината на неделата ќе се задржи сончево преку денот и релативно топло за овој дел од годината. Во среда ќе има преодна зголемена облачност проследена со појава на повремен дожд, а дневната температура малку ќе опадне, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР