Охрид, 9. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Осумдесеттина случаи на заболени од сезонски грип се евидентирани во Охрид заклучно со минатата седмица, информираат од Центарот за јавно здравје.
Оттаму велат дека бројот на заболени е приближно ист како и во истиот период од минатата година.
– Од сите заболени кои се евидентирани, 65 се на возраст од 15 до 64 години. Во овој период се евидентирани и поголем број инфекции на горните респираторни патишта, но за среќа тие минуваат без компликации, вели доктор Јованка Коровешоска – Стурлакова, специјалист епидемиолог во Центарот за јавно здравје.
Како што појаснува таа, на пациентите заболени од грип редовно им се дава терапија со лекот „тамифлу“.
– Пациентите кои примаат инфузии редовно добиваат и „тамифлу“. Практиката кај нас покажува дека и матичните лекари задолжително им го препишуваат лекот на нивните пациенти, додава Коровешоска-Стурлакова.
„Тамифлу“ со лекарски рецепт може да се набави во аптеката на Здравствениот дом која се наоѓа на горниот кат од објектот на амбулантата „Маларична“ или во просториите на Итната медицинска помош во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес