News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 29, 2024

Скопје/Охрид, 29. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – На ден на изборен молк не се прават претреси на председател на огранок на политичка партија, претреси на шеф на штаб на политичка партија и не се повикуваат во полиција, изјави синоќа за емисијата „360 степени“ поранешниот министер за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши.

– Јас бев информиран дека им се прават претреси на овие луѓе од Европскиот фронт за наводно крешење на законот, две недели пред претресите. И како одлучиле токму на денот на молкот да прават претреси? Како член на Владата, јас сум одговорен и за изборите. И тоа произлегува од нашите закони, последно од 2017-та година. И тој началник е технички началник за спроведување на изборите. И ако ме прашувате дали би го направил истото, јас, еве јавно кажувам, истото би го направил. Не само за тој началник, туку за сите тие што сакат да влијаат на избори на таков начин, истакна Бектеши.

Тој додаде дека се’ уште не бил повикан од страна на органите во врска со пријавата и највероватно нема ни да го повикаат.

– Се консултирав со адвокати и би требало да му поднесам кривична пријава на началникот на СВР Охрид за начинот на кој ја вршел својата должност во време на избори, и на ден на молкот, пред изборите.

– Јас ги повикувам сите надлежни институции да проверат и во Министерството за економија и во сите други институции и најмалата индиција да се провери и да се објави во јавност, напомена Бектеши.

Бектеши во јули годинава заработи кривична пријава од охридската Полиција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“.

Од полицијата информираа дека на 7-ми мај 2024 година, „Бектеши од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик“.

Со реакција тогаш се огласија од неговата партија ДУИ. Според Артан Груби и Арбер Адеми, оваа акција на полицијата и двајцата е „политички прогон“. Бектеши беше министер во поранешната Влада од 2017 година. (Крај)

извор: ОхридПрес/360 Степени фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука