Охрид, 31. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид се гради, и тоа за сите пари…
Со ваков коментар, читател на OhridPress утрово ни испрати фотографии од „Бејбунар“, каде продолжува изградбата на бројни нови згради.
Оваа супер-атрактивна локација во Урбана заедница 8, урбан блок 8.3 Бејбунар, беше посакувана и оспорувана со децении наназад. Донесувањето на деталниот урбанистички план за „Бејбунар“ постојано го следеа серија реакции од сите засегнати страни. На почетокот, локалната самоуправа доби зелено светло од Министерството за транспорт и врски, но по реакцијата од Управата за заштита на културното наследство, министерството ја смени одлуката и привремено ја стопираше градбата како би можело најпрво да се направи археолошко испитување на локацијата.
Во 2021 година советниците го донесоа првиот ДУП усогласен со Планот за управување со Охридскиот регион. На седницата која се одржа на 15-ти март 2021 година, со 22 гласа „ЗА“ советот го изгласа ДУП-от кој се однесува на Урбана заедница 8, урбан блок 8.3 Бејбунар.
– Овој план првично беше поништен во 2013 година, но по препорака на градоначалникот Константин Георгиески истиот се преработи и усогласи согласно препораките на УНЕСКО. Во планот се намалија висините, искористеноста на просторот се сведе на 50% и Општина Охрид за истиот доби позитивно мислење од Комисијата за УНЕСКО и Министерство за транспорт и врски, информираше тогашниот градоначалник Константин Георгиески.
Археолошкиот локалитет „Бејбунар“ со површина од 12,36 хектари, на потегот од булевар „Туристичка“ и улицата „АСНОМ“ од една страна, до трафостаницата „Бејбунар“ во горниот дел. Од архивата на Супер радио и OhridPress стои дека некогаш сме пишувале за него како за „археолошки локалитет со исклучителна автентична вредност што претставува сведоштво кое има релевантно значење од гледна точка на историјата и културата, а особено од големо значење за македонската и европската наука.“
Според првичниот план, на овој атрактивен локалитет е предвидена изградба на вкупно 39 станбени објекти од кои голем дел се веќе изградени, а вредноста на овој станбено-деловен комплекс кој се протега на површина од скоро 13 хектари, според тогашните пресметки, изнесуваше 100 милиони евра. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес