News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 2, 2024

Охрид, 2. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 20-ти октомври, денот кој православните верници го прославуваат во чест на Св. великомаченик Артемиј.

Живеел во времето на цар Константин, а пострадал после неговото заминување, од раката на царот Јулијан, кој отстапи од верата во Христа и се обидуваше во Рим да го врати паганството. Словенскиот збор маченик е изведен од грчкиот мартис, што значи, сведок. Во Црквата мачениците со својот живот, посебно со својата подготвеност да умрат за Христос, сведочеа за нивната вера дека Христос е Бог кој, на крајот од времето, ќе ги подигне од мртвите и ќе им даде живот во вечноста. Оттаму, Црквата ги нарекува великомаченици тие кои го посведочиле ова со посебна сила.

Житие

Овој славен светител беше родум Мисирец и прв војвода на царот Константин Велики. Кога на царот Константин му се јави победоносниот крст, поверува во Господ Исус Христос и се крсти. Подоцна, во времето на царот Констанциј овој цар го испрати Артемиј во Елада за да ги пренесе моштите на Св. Андреј од Патрас и на Св. Лука од Тива во Цариград, а ова војводата Артемиј го изврши со радост. Потоа беше поставен за августалиј и царски намесник во Мисир и во овој чин остана и во времето на Конастанциј, Константиновиот син, а извесно време и при Јулијан Отстапник. Кога овој богоотстапен цар тргна во војна со Персијанците, запре во Антиохија и му нареди и на Артемиј да дојде со својата војска во Антиохија. Артемиј дојде. Во тоа време царот удри на маки двајца христијански свештеници, Евгениј и Макариј. Кога го виде тоа Артемиј се возмути со сето срце и излезе пред царот и му рече: „Зошто цару толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи и зошто ги присилуваш да се откажат од верата православна?“ И уште Артемиј му прорече на царот: „Твојата погибел е близу.“ Разјарен царот ги испрати оние двајца чесни свештеници на прогонство во Арабија, каде што набрзо се упокоија, а војводата Атемиј го расчини и нареди да го растргнуваат и бијат. Сиот ранет и раскрвавен Артемиј го фрлија во затвор, каде што му се јави Самиот Господ Исус Христос, Кој го исцели и го утеши. Потоа царот нареди, та го спростреа на еден камен, а со друг тежок камен го притиснаа така што телото на Артемиј го здробија и го сплескаа како штица. Најпосле му ја отсекоа главата во 362 година. А царот Јулијан отиде на бој против Персијанците и срамно загина, како што му прорече Св. Артемиј.

Тропар

О, величенствено смирение, о, послушание свето пред Бога принесено, на твоите трудови се восхитуваме, свети Артемие великомачениче, а преку тебе името Христово го величаме, кој има таков воин во свитата Своја. Душата твоја од Духот Свети запалена и прочистена, телото го предаде да сведочи за бесмртноста, а таа остана да лекува немоќи наши до века, сведочејќи дека Љубовта на Галилеецот победува. Моли се, великомачениче, телесниот човек да го соблечеме, а духовниот да порасне по мерката Христова. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука