Охрид, 2. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Facebook групата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 објавен е интересен напис за ретка меница од Рибарското Акционерско Друштво „Охрид“ издадена во 1924 година.
Ви пренесуваме дел од написот.
Таман кога ќе помислам дека сум ги открил сите тајни на Охрид, ќе ми се појави некоја нова приказна за овој град.
Од една белгиска аукционерска куќа, купив минатата недела една многу ретка меница од Рибарското Акционерско Друштво „Охрид“ издадена во 1924 година. Оваа компанија е формирана во Охрид во 1921 година од еден од најпознатите српски научници, Михајло Петровиќ (1868-1943).
Во младоста бил прогласен за најдобар студент на Универзитеот Сорбона во Париз каде што дипломирал во 1891 година а подоцна таму и докторирал. Неговиот докторат од областа на диференцијални равенки бил цитиран од најдобрите француски математичари од тоа време. Целиот свој живот бил професор во Белград, член на САНУ и почесен член на Академиите на Науки во Варшава, Прага, Букурешт и Виена, како и член на голем број на друштва на математичари. Автор е на српската „Енигма“, машина за криптирање и дектриптирање на пораки која се користела во Првата светска војна.
Кај обичниот народ и старите Белграѓани, професор Петровиќ бил познатот под прекарот „Мика Алас“. Човекот бил страсен риболовец. „Алас“ е српски сленг за речен рибар. Учествувал во изготвувањето на првиот српски закон за речен риболов од 1898 година.
Пристигнува во Охрид во 1921 година во својство на инспектор во Министерството за земјоделство и води. Веднаш започнува со користење на статистички методи во спроведувањето на економска анализа на рибарењето во Охридското езеро. Користејќи го своето познавање на математиката, Мика Алас е првиот стручњак на Балканот кој успева да ја спои математиката и рибарството за да ги пресмета можностите на обновливо користење на рибните ресурси на езерото. Посебно бил фасциниран од охридската јагула. За време на неговиот престој во Охрид, ја пишува новелата „Јагулата“ во кој е опишан животот на јагулите и нивното патешествие од Охрид до Саргасовото Море.
Во долниот десен агол го читам името на авторот на графичкиот дизајн: Драгослав Стојановиќ (1890-1945). Се работи за српски сликар со фасцинантна животна приказна. Стојановиќ бил сликар, графички дизајнер, карикатурист и сатиричар. Основач е на сатиричното списание „Ошишани Јеж“ во 1921 година, списание кое продолжува да се печати и во СФРЈ под името „Јеж“. Во првите две декади на 20-тиот век имал успешна кариера во Париз каде што бил дизајнер на филмски постери.
Меницата е декорирана со илустрации од рибниот фонд на Охридското езеро: пастрмка, крап, јагули. Рамката на меницата се всушност далги во кои пливаат белвици. На меницата исто има слика на мало фабриче и рибарски пароброд. Претпоставувам дека фабричето било користено за преработка на уловената риба, а паробродот за ловење на рибата. Но не успеав никаде да најдам фотографии од Охрид од 1920-тите години на кои се прикажани овие работи.
Дали некој знае дали ова фабриче и паробродот навистина постоеле во Охрид, или се слободна уметничка интерпретација на сликарот Стојановиќ?
Ви Благодарам за помошта.
Следете #artlexicon
извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950