Охрид, 2. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Саздовски дел од кариерата помина кај нас, беше врвен научник со светски достигнувања, прекрасен колега и пријател, вљубеник во природата, порачаа од Универзитет за информатички науки и технологии (УИНТ) „Св. Апостол Павле“ од Охрид за Васко Саздовски, кој трагично го загуби животот на железничката станица во Нови Сад.
– Мeѓу загинатите во уривањето на бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад, беше и д-р Васко Саздовски, кој дел од својата кариера ја помина и на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Ќе биде запаметен како врвен научник со достигнувања од светски рамки, прекрасен колега и пријател, вљубеник во природата. Последното работно искуство на Саздовски беше на Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде се истражуваат и развиваат информациски технологии во земјоделството. Голема загуба за сите нас.
Искрено сочувство до семејството, порачаа од УИНТ „Св. Спостол Павле“ од Охрид.
Според информациите на белградска „Политика“, 45-годишниот Васко Саздовски бил научник кој работел на Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде се истражуваат и развиваат информациски технологии во земјоделството.
– Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. И претходно имаше научна кариера, изјави директорот на „Биосенс“, Владимир Црноевиќ за „Политика“.
Колегите на Саздовски велат дека Васко работел на новосадскиот Институт нешто повеќе од една година, а речиси секој викенд го минувал во Македонија, со сопругата и двете деца. На пат тргна и вчера претпладне, на 1. ноември 2024 година.
Во Нови Сад од денеска до понеделник се денови на жалост поради трагичната смрт на 14 лица врз кои се урна масивна бетонска натстрешница на влезот на железничката станица. Тој дел од станицата, според тврдењата и на кинескиот изведувач на работите и на претставници на српската држава, не бил предмет на реконструкција на објектот. (Крај)
извор: ОхридПрес/Политика фото: архива