Охрид, 5. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата за охриѓанцот Петар Поповски, професор на Универзитетот во Олборг, Данска кој во последното интервју открива дека со вредна работа и аплицирање за грантови, за 12 години изградил катедра со над 30 истражувачи на Универзитетот во Олборг, Данска е помеѓу најчитаните и најкоментираните последните 24 часа на Facebook профилот на OhridPress.
Во центарот каде работи се вклучени четири институти: за електронски системи (каде што припаѓа Поповски), математички науки, физика и информатика. Тимот го сочинуваат директор, четворица кодиректори од секој институт и десетина други истражувачи кои придонесоа кон апликацијата.
– Најголемиот дел од нив се од постојната истражувачка група, што во наши поими може да се гледа како катедра на која сум шеф и која брои околу 30 истражувачи од сите нивоа: докторанди, постдокторанди, доценти, вонредни професори и професори. Моја прва задача ќе биде да создадам процес за соработка помеѓу четирите институти, во кој ќе им дадеме предност на одредени идеи и ќе направам простор за балансирање помеѓу зададени теми наспроти независно истражување и идеи од вработените во центарот, вели Поповски.
Читателите на OhridPress во коментарите велат дека се исклучително горди на Петар, но и сите талентирани Македонци кои творат и се успешни во светот. „Гордост на Охрид, и понатаму да слушаме само убави вести“, се посочува во еден од коментарите. Сепак, потсетуваат дека како општество правиме премалку за ваквиот кадар да го задржиме во државата и дека секоја година губиме се’ повеќе и повеќе млади луѓе кои бараат подобра иднина за себе и семејствата далеку во светот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес