ноември 5, 2024

Охрид, 5. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како едни од медиумите кои ја следат изградбата и целиот процес од самиот почеток, Супер радио и OhridPress годиниве наназад ги пренесуваат реакциите на граѓаните за што побрзо завршување на овој важен патен правец.

Објавуваме постојани написи и фото и видео репортажи, како и со бројчаници до датумите кои одредени политичари ги посочуваа како крајни за завршување на проектот и негово ставање во функција.

По вчерашната изјава на Коце Трајаноски директор на ЈП за државни патишта, нашите екипи утрово направија обиколка на трасата до Кичево.

На потегот од Охрид до Подмоље се поставува земја во просторот помеѓу двата коловози. Од селото Ботун кон Арбиново и натаму поставена е асфалтна подлога и на вториот правец и се работи на патеката помеѓу коловозите. Поголема градежна механизација има кај Арбиново каде се одвиваат градежи зафати. Двата пата одат парарелно сѐ до Врбјани, односно сѐ до исклучувањето за селото, каде новиот патен правец продолжува повисоко во планината. Поголеми градежни зафати се одвиваат на потегот кај селото Извор и натаму кон Кичево.

– Целта ни е три од петте секции од автопатот Кичево-Охрид да ги пуштиме до почетокот на туристичката сезона, некаде до мај-јуни 2025 година, додека за првите две делници ќе треба да се добие извештајот за бушотините и врз основа на тоа ќе се прават проекти за стабилизација и санација, па потоа ќе може да кажеме рокови, изјави директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски неодамна рече дека се забрзува постапката за изградба на делницата.

– До почетокот на следната летна сезона се очекува да биде ставен во функција поголемиот дел од автопатот Охрид-Кичево, делот од Врбјани и Арбиново до Охрид, со мал прекин кај селотот Ботун, рече Николоски.

И премиерот Христијан Мицкоски во една од изјавите кажа дека има напредок во реализацијата на автопатот од Кичево до Охрид.

– Секојдневно се работи и очекувам првата половина од автопатот од селото Арбиново до Охрид, со исклучок на мал дел кај село Ботун, да биде пуштена во употреба до мај следната година. До крајот на 2026 година, како што беше ветено во кампањата, ќе биде целосно пуштен во употреба овој автопат, рече Мицкоски.

Делницата од 57 километри се гради веќе 10 години, со две влади, а и понатаму останува една од топ-темите на жителите на овој дел на државата. Низ годините лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука