Охрид, 8. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православната црква и нејзините верници денеска го прославуваат празникот на Светиот великомаченик Димитрија, кај народот познат како Митровден.
Митровден е еден од празниците со кој се поврзуваат голем број народни обичаи. Еден од нив е претскажувањето според времето, односно ако денес има дожд и мраз, нè очекува долга и студена зима со многу снег. Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април. Исто така, постои и верување дека на овој празник, исто како и на Божиќ, би требало да бидете дома, освен ако не сте поканети на слава. Оттука старото верување дека ако ноќта на Митровден ја поминете надвор од дома, цела година ќе спиете надвор од домот и ќе се „влечете“ по туѓи куќи.
Една од најчестите слави кај македонските православни семејства
Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8-ми ноември според новиот (или на 26-ти октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и слично, се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна поговорка која вели: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.
Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник.
Во Република Македонија, исто така, постои верување дека на овој ден не треба да ги карате малите деца, колку и да згрешиле или биле груби, затоа што наводно тогаш ќе бидат палави цела година. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива