Охрид, 8. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во големата сала на Општина Охрид, денеска напладне ќе биде промовирана книгата „Тие доаѓаат“, книга III – охридските ученици во чест на 80 годишнината од ослободувањето на Охрид.
И оваа година Охрид достојно го одбележува денот. Настаните започнаа во средата, кога во галеријата при Центарот за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложбата на фотографии „Охрид од високо“ на Нина Анѓелоска. Во изложбениот салон беше отворена и изложба на уметнички слики од охридскиот сликар Славко Упевче, а во големата сала при Центарот за култура се одржа Свечена академија по повод 80 години од одлободувањето на Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, а се одржа и културно-уметничка програма.
Вчера се одржаа повеќе активности. ЈП „Охридски Комуналец“ го одбележа Патрониот празник, а беше положено и свежо цвеќе на спомен-обележјата од НОБ, на Градските гробишта, пред Основниот суд во Охрид, во Градскиот парк и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Свежо цвеќе беше положено и пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска во спомен-паркот на револуцијата, каде се обрати и претставник на ОО на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца. Како дел од програмата беше и „Ohrid fly Festival“, Европски куп во параглајдинг, а се одржа и промоцијата на книгата „Охридски летопис“ од проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески. Празничниот ден се заокружи со свечената приредба по повод Патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во СРЦ „Билјанини извори“ и Седмоноемврискиот концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето.
Утре, на 9-ти ноември со почеток во 18:00 часот во кафе бар „Шила“ ќе биде промовирана книгата „Модра мрежа“ од Марина Икомовска Шоќева. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес