Охрид, 12. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект. За одејнето на фудбал Грашница со Каневчани
Пред некој ден п’тов ме однесе Грашница и оттука трнав кун калено. Се потсетив на одејнето на фудбал Грашница со Каневчани. Тогаш натпреварите на ФК Охрид ни беја главна атракција. Ако одев од дома одев низ чаршија, па Кошишча и Воска и пред мостојте Воска вртевме за Грашница.
Ногу пати одев на фудбал со брачедиве од Канео. Ако врнеше одевме одозгора од к’ј Свети Јон, над Лабино и под калето одевме Грашница. Обично реката к’ј Грашница немаше секогаш вода и ја префрлавме со скокајне. Ако беше надојдена одевме покрај неа и преку некоја бавча од турските куќи покрај реката излегвевме на п’тот за Грашница. Покрај нас шо одевме да гледаме долу имаше и народ кој шо гледаше фудбал одозгора од калето а имаше и луѓе шо гледаја со двоглед.
Посебно беше интересно ко ќе се одеше со кајчина од Канео. Се одеше ако немаше бран,ветар и ако е топло. Се береја три,четири кајчина и сите деца и поголеми Каневчани одеја на фудбал. Тогаш за Охрид играше и брачед ми Климе Маслов, роден Каневчанец и сите одеја најпојќе зарди него. Тие години (почеток на седумдесеттите години) беја златни деној за фудбалот во Охрид. За Каневчани ги рачунам сите кои живееја на улицата „Кочо Рацин“ над скалине, од Веровци и Спространовци надолу. Ќе ги спомнам тие шо ги памтам:
Ќе почнам со Љубен Карче, Миле Рупе, Шокевци (Благо,Владе, Димче, Климе),над нив Боро, Бакаловци (Перо,Ристе, Крсте,Љубен,Насте), Матовци (Крсте, Номче), Стефе Иваноски, Владо Маленко, Кочо Думбал, Масловци (Перо, Насте, Климе (одеше порано од нас), Никола, Илче,) Каневчевци (Фиљо, Јаким, Номче, Климе, Стефчо). Од помладиве мој врсници шо одеја беја Сашо Баче, Ѓоко Здраве, Љупчо Масло, Трајче Велјаноски, Кире Думбал, Кочо и Трајче Каневчевци… (можда некој е испушчен).
Ногу пати со кајчината се носеја некакви транспаренти напишани со ФК Охрид и ко ќе стигневме пред стадионот со кајчината сите шо ке беја дојдени на трибините пред нас не’ пречеквеја со аплауз. Постарите од групиве купвеја карти за влез, средната и најбројна група и по некој од помалите скокаше преку џиздот од к’ј езерото а најмалите или тие шо не можеја да скокнет ќе чекаја пред врата за чуварот да ги пушчит.
На самиот натпревар имаше моменти кога играчите од противничката екипа ако водеја ја шутираја лопката в ејзеро за да поминит време. Обично Стефан Лешчар кој беше економ на клубот излегвеше надвор од стадионот да ја земит лопката од водата. Ние се радвевме кога немат да можит да ја земит зато шо ко ќе си одевме со кајчината назад ја земавме лопката со нас. После игравме мал фудбал Имарет со права фудбалска лопка. Таму чувар беше Славе Арсен (Чајче) (Не сум сигурен дали се викаше Славе). Ако не’ начекаше, не’ бркаше и ни ја земаше лопката.
Сега гледам некогашната трибина е стаза за шетајне, на место на тогашниот џизд сега имат џишче за седејне. Просторот меѓу стадионот и калето е запустен и требит убо да се исчистит зато шо ова место мојт да е едно од најубајте шеталишта во градов.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото