News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 13, 2024

Охрид, 13. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Здружението на лица со дијабет „Охрид“, организира низа активности за одбележување на 14-ти ноември, Меѓународниот ден на лицата со дијабет од Охрид.

Во хотелот „Ројал Вју“, денеска напладне ќе започне Едукативна работилница „Донирај здравје“. Предвидени се неколку презентации и тоа вовед во правилна исхрана со Дино Николиќ и Ивана Илиевска, презентација и дегустација на селско домаќинство „Пирустија Неданоски“ со Наташа Неданоска, презентација за животните навики за подобро здравје со Дино Николиќ и Ивана Илиевска и презентација за природна поддршка за стабилен шеќер и здравје во секој залак – микробилки и дијабет со Сања Бачевски.

Во четврток, на 14-ти ноември, на плоштад „Крушевска република“ ќе се одржи мерење на шеќер во крвта на граѓаните „Да му покажеме црвен картон на Дијабетес Тип 2 заедно“ во периодот од 12:00 до 14:00 часот. Во хотелот „Милениум Палас“ од 17:00 часот ќе се одржи предавање на тема „Промени во очите предизвикани од нерегулиран дијабет и начини на лекување“ со д-р Виолета Бучкоска од Очната болница „Деница“.

Активностите ќе бидат заокружени со изложба на фотографии и рачни изработки од членови на здружението на лица со дијабет „Охрид“ и доделување на благодарници.

Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светски рамки се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број ќе достигне 350 милиони до 2025 година. И во Република Македонија дијабетесот е многу често заболување од кое страдаат околу 120.000 лица.

Што е дијабетес и зошто се појавува?

Дијабетесот е хронично заболување кое се карактеризира со зголемени вредности на шеќер (гликоза) во крвта. Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.

Луѓето кои страдаат од дијабетес, независно од кој тип, имаат покачени вредности на гликоза затоа што нивниот организам не може да ја пренесе гликозата во клетките. Причини за тоа може да бидат:

– Недоволна продукција на инсулин од страна на панкреасот;
– Нарушена реакција на клетките кон инсулин;
– И двете причини истовремено.

Типови на дијабетес

Постојат три главни типа на дијабетес:

Дијабетес тип 1 (инсулинозависен дијабетес). Станува збор за автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се јавува во која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или млади луѓе. Кај овој тип дијабетес панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.

Дијабетес тип 2 (инсулинонезависен дијабетес). Оваа е најчеста форма на дијабетес. Претежно ги афектира возрасните, но во последните години се јавува и кај тинејџерите и младите лица поради прекумерно зголемување на телесната тежина. Кај овој тип на дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или таа количина не е доволна за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.

Гестациски дијабетес. Гестацискиот дијабетес се карактеризира со високо ниво на гликоза во крвта и се јавува во кој било период од бременоста кај жени кои дотогаш не страдале од дијабетес. Оваа состојба мора да се контролира бидејќи може да влијае врз нормалниот раст и развој на бебето. Околу 2-4% од трудниците се засегнати од гестациски дијабетес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука