News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 13, 2024

Охрид, 13. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Земја на штркови“ е насловена претставата што во понеделник, 18-ти ноември од 20:00 часот премиерно ќе биде извдена во Центарот за култура „Григор Прличев“, а во продукција на Театар Провокација од Скопје.

Претставата е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а е во режија на Роберт Ристов.

Дејството на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-на години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.

– „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума, велат од Театар Провокација.

Во претставата играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.

„Земја на штркови“ ќе се прикажува и во Свети Николе, Пробиштип, Велес и Скопје. Репризно во Охрид ќе биде изведена на 10-ти декември. Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука