Охрид, 15. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, со учество на претставници од 8 земји од регионот, од 13-ти до 16-ти ноември 2024 година во Охрид, се спроведува заедничко истражување наменето за проценка и справување со поголеми ризици кои имаат влијание врз заедниците.
Целта е да се утврди ранливоста на луѓето во однос на ризиците како и зајакнување на капацитетот за справување и опоравување од одредена катастрофа. Проценката на ранливост и капацитети (ПРК), преку посебни алатки ја мери изложеноста на луѓето и нивните капацитети за отпорноста од природните катастрофи и несреќи и придонесува во креирањето на програми за подготвеност при катастрофи во заедницата.
– ПРК овозможува идентификација на локалните приоритети и превземање на активности за намалување на ризиците од катастрофи како и асистирање при развивањето и изработувањето на програми кои се взаемно поддржувачки и подготвени за имплементација. Значајната посветеност и подготвеност на Црвен крст Охрид за дејствување и одговор при катастрофи во регионот, ја отвори можноста на општина Охрид, преку користење на нова европска методологија, да и биде извршена Проценка на ранливоста и капацитети. За таа цел, четири групи за проценка денес ќе остварат работни средби со стручни и компетентни лица во делот на справување со кризи во Општина Охрид, на кои ќе учествуваат и претставници на ТППЕ Охрид, претставници на Јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, Центарот за управување со кризи-одделение Охрид, Секторот за ТЛЕР, преставници на Центар за јавно здравје-делот за епидемиологија, претставници на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа и претставници на Црвен крст Охрид. На средбите ќе се дискутира за проблематиката поврзана со делувањето на соодветните сектори/претпријатија/институции на територијата на општина Охрид, во насока на дефинирање на ризиците и капацитетите за одговор на секојдневните предизвици и оние кои доаѓаат со сѐ почестите елементарни непогоди и катастрофи, информираат од Црвен крст Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес